Според Европската регулативата EC 2073/2005, земањето мостри од производствената средина и нивната анализа може да биде важна алатка во идентификација и превенција од присуството на патогени микроорганизми во храната. Овие анализи се неизбежен дел од процедурите на HACCP системот, чија имплементација во Р.Македонија е со закон задолжителна од 01.01.2009 год. Условите во кои храната се произведува, подготвува, пакува, складира се критичен фактор за нејзината безбедност. Доколку во некоја од овие фази храната се изложи на потенцијално штетен биолошки, хемиски или физички агенс, постои можност за нејзина контаминација што може да доведе до негативни ефекти врз здравјето на луѓето.