Select Page

Што е интолеранција на храна?

Интолеранција на храна претставува одложена реакција на организмот на одреден вид храна или состојки од храна, при која се создаваат специфични IgG антитела. Станува збор за низок степен на долготрајна хронична воспалителна реакција што трае сè додека се консумира храната што ја поттикнува реакцијата.

Како се развива интолеранција на храна?

Како последица од одредени лекови, инфекции, микози, стрес, токсини и влијанија на фактори од животната средина, може да дојде до оштетување на цревниот ѕид и зголемување на пропустливоста за одредени компоненти од храната, што пак предизвикува активација на имунолошкиот одговор и создавање на специфични IgG антитела.

Создадените антитела заедно со антигените кои потекнуваат од храната формираат имуни комплекси, кои може да адхерираат на органите и ткивата. При процесот на уништување на овие имуни комплекси од страна на фагоцитите и системот на комплемент, истовремено може да дојде и до оштетување на околните ткива. Ова може да предизвика низок степен на воспалителни состојби, кои со тек на времето можат да станат хронични.

Симптоми

Симптомите на интолеранција се многу променливи. Тие вклучуваат надуеност, абдоминална болка и дијареа, симптоми кои имитираат синдром на нервозно дебело црево. Други цревни манифестации вклучуваат гадење, рефлукс на киселина, запек. Поединци може да имаат неинтестинални симптоми како што се општо лошо чувство, замор, главоболки, замаглен ум, вкочанетост, болки во зглобовите или хронични промени на кожата. Едно лице може да има еден или повеќе симптоми.

Разлика помеѓу алергија и интолеранција на храна

Заедничко за овие две состојби е тоа што е вклучен имунолошкиот систем. При алергија имунолошкиот систем произведува специфични IgE антитела. Симптомите се појавуваат за неколку секунди или минути: силен оток, отежнато дишење, осип, чешање на кожата или дури и анафилактичен шок.

Клиничките симптоми на алергија и интолеранција на храна многу често се преклопуваат што ја отежнува диференцијацијата на двете состојби само врз основа на симптомите.

За разлика од алергиите што се најчесто со акутен и интензивен почеток на симптомите и може да бидат предизвикани и од присуство на траги на алергените, интолеранцијата е побавна, со одложен и понекогаш непрепознатлив почеток на манифестирање на симптомите (до 72 часа), за чиј интензитет е важно и количеството на внесената храна. Воспалителните процеси може да се манифестираат на различни органи и системи и да предизвикаат широк спектар на симптоми.

Дијагноза

Поради сличноста во симптомите, многу е тешко да се направи јасна диференцијација помеѓу овие 2 состојби и да се постави точна дијагноза, со оглед на тоа дека овие симптоми се преклопуваат и други болести и состојби. Затоа, потребна е консултација со лекар кој во согласност со клиничката манифестација и анамнеза на пациентот, ќе препорача да се направат соодветни лабораториски анализи.

Особено важно е лабораториските тестови кои се користат да бидат сигурни, сертифицирани и од докажан производител, со кои брзо и едноставно може да се утврди причината за појавата на симптомите, односно, се прави јасна диференцијација помеѓу интолеранција и алергија.

Авицена ДОО во своето портфолио на тестови располага со прецизни и CE сертифицирани тестови од врвни германски производители за квантитативна детекција на IgG4 антитела.

Избор од 7 панели, секој со по 40 видови храна или состојки од храна, за насочена, брза и ефикасна детерминација.
Можност за одредување интолеранција на 280 видови храна одеднаш.
Достапен и панел кој ги опфаќа 90-те најважни намирници, како што се различни видови месо, зеленчук, овошје, житарки, млечни производи и јајца.
Moќен софтвер со најнова технологија за високосензитивна детекција и прецизна и точна интерпретација на резултатите.
Квантитативни резултати изразени во kUA/L или класи, уште истиот ден.
Мерењето на IgG и IgG4 антителата против компонентите на храната можат да го поддржат и забрзаат процесот на идентификација на храната што треба да биде изоставена од исхраната на пациентите.
Целосно исчезнување на симптомите и подобрување на здравствената состојба по диета базирана врз основа на резултат добиен од тест за интолеранција на храна.

Што по добивањето на резултатот?

1. Фаза на елиминација

Храната за која е добиен позитивен резултат, треба комплетно да се избегнува, од 2 до 6 недели. На овој начин настанатите инфламаторни процеси може да се намалат или комплетно да се повлечат. Останатата храна кон која нема покачени нивоа на IgG антитела може да се консумира во 4-дневен циклус на ротација. (На пример, ако се јадат одредени видови храна еден ден, тие треба да се избегнуваат во следните 3 дена.) Ова помага да се спречи развојот на нови одложени реакции на организмот.

2. Фаза на повторно воведување храна

Во оваа фаза се започнува провокациска диета преку која постепено се вклучуваат избегнуваните намирници. Намирниците се внесуваат една по една, со цел полесно препознавање на храната што сè уште предизвикува симптоми. Доколку повторно се појави реакција, храната од менито се избегнува.

3. Фаза на стабилизација

За време на оваа фаза, храната што предизвикува реакција при процесот на повторно воведување се избегнува за најмалку една година со цел намалување на IgG антителата и подобрување на состојбата на организмот. По ова, пациентот повторно ја започнува фазата на воведување храна. Кај некои пациенти можеби ќе биде потребно доживотно избегнување еден или повеќе видови храна.

Со клик на сликата во продолжение можете детално да ги погледнете сите достапни панели: