Select Page

Што е полицистичен Оваријален Синдром (PCOS)?

Синдромот на полицистични јајници (PCOS) се среќава кај 1 од 10 жени ширум светот и е една од најчестите причини за нарушена плодност кај жените.
Полицистичниот оваријален синдром влијае на женскиот репродуктивен систем со тоа што предизвикува јајниците да произведуваат абнормална количина на нивоа на андрогени хормони, група на хормони одговорни за растот и репродукцијата кај жените и мажите. Aндрогените се сметаат за машки хормони бидејќи вообичаено, кај жените се произведува само мала количина на андрогени.
PCOS е именуван по акумулацијата на повеќе мали цисти во јајниците. Имено, нарушувањето на хормоналната рамнотежа предизвикува нарушување на функцијата на јајниците, односно неуспешна овулација, што резултира со формирање на цисти.
Првиот познат случај на PCOS бил забележан во 1721 година, но официјалните дијагностички критериуми не биле поставени до раните 1990-ти.

Како настанува (PCOS)?

Причината за PCOS се уште не е комплетно позната. Се работи за мултифакторска болест, бидејќи може да биде предизвикана од генетски, хормонални и фактори од средината, како што се наследни генетски промени, инсулинска резистенција, хронично зголемени нивоа на воспалителни реакции, стрес, лоша исхрана, токсини од околината и друго.

Симптоми

Најчестите симптоми на PCOS вклучуваат неправилни менструации, т.е. неконзистентни, отсутни, тешки или болни менструални циклуси, зголемена влакнетост телото, акни и главоболки. Поголемиот дел од симптомите се резултат на нарушената хормонска рамнотежа и повисоките нивоа на андрогени. Повеќе од половина од жените со PCOS немаат никакви симптоми, освен тешкотии при зачнувањето. Всушност, неплодноста е една од главните компликации на овој синдром.

Освен тоа, зголемувањето на телесната тежина поврзано со PCOS е поврзано со зголемен ризик од дијабетес тип 2, висок холестерол, нарушена толеранција на гликоза, кардиоваскуларни заболувања и хипертензија. PCOS исто така го зголемува ризикот од ендометријален карцином.

PCOS често се меша со полицистични јајници (PCO), што е многу честа состојба која се јавува кај речиси една третина од жените на репродуктивна возраст. Иако ова се поврзани состојби со заеднички симптоми, како што се неправилни менструации, акни и зголемување на телесната тежина, PCOS е метаболичко нарушување поврзано со хормонален дисбаланс. PCOS и PCO, исто така, се разликуваат во поврзаните ризици, инциденцата и третманот, при што PCOS е потешка состојба од PCO. Покрај тоа, PCO може да се дијагностицира со ултразвук, додека за дијагноза на PCOS, потребни се дополнителни тестови преку крвта за да се проверат нивоата на хормони.

Дијагностицирање

Се повеќе и повеќе студии почнуваат да ги истражуваат гените поврзани со PCOS. Овие гени може да имаат директно или индиректно влијание врз плодноста на жените, бидејќи се поврзани со јајниците и се вклучени во производството на репродуктивни хормони. Денес се достапни генетски тестирања за да се идентификуваат какви било промени во гените за кои е познато дека се поврзани со PCOS, и последователно да помогне во подобрувањето на класификацијата на синдромот и неговите фенотипови, како и да се овозможи рана интервенција за намалување на ризиците поврзани со PCOS.

Во портфолиото на Авицена ДОО се достапни најголем број на специфични и рутински анализи, како и генетски тестови, како помош за брза, точна и навремена дијагноза, во комбинација со други клинички и дијагностички испитувања и методи.

Третман

Иако не постои лек за PCOS, симптомите може да се третираат. Третманот ќе зависи од различни фактори, како што се возраста на жената и нејзините точни симптоми, и главно од тоа дали жената планира бременост. Третманот на неплодност започнува со модификации на животниот стил, како што е спроведување на поздрава исхрана и започнување со физичка активност. Дури и малото губење на тежината може да помогне да се подобри способноста на телото да го регулира инсулинот и последователно да ја подобри овулацијата. Исто така, може да помогне да се зголеми ефикасноста на кој било друг лек, како што се лековите за индукција на овулацијата, за да им помогне на јајниците да ги ослободат јајце-клетките.

За жените кои не планираат бременост во блиска иднина, оралните контрацептиви можат да ги намалат нивоата на андрогени хормони и да третираат различни симптоми, како што се нередовната менструација, прекумерниот раст на влакната и акните. Лековите за дијабетес може да се користат за лекување на високата инсулинска резистенција, но, како и при секоја друга состојба, третманот и следењето на здравствената состојба треба да биде исклучиво под надзор на лекар.