Select Page

 Правилната функција на штитната жлезда е неопходна за нормално функционирање на огромен број процеси во човечкиот организам.

При состојби на намалено или зголемено лачење на тироидните хормони, тироидната жлезда се обидува да ја компензира настанатата ситуација со зголемување или намалување на својата функција.

Лабораториски тестови кои се користат за проценка на тироидната функција освен тироидните хормини, се и групата тестови наречени анти-тироидни антитела.

Автоимуните заболувања на штитната жлезда предизвикуваат оштетување на клетките на штитната жлезда, како и измена на нејзината функција.

Автоимуната тироидна болест се карактеризира со присуство на автоантитела против различни тироидни компоненти, односно тиреотропниот (претходно тиреостимулирачки хормон –TSH) рецептор (TSHR), тироидната пероксидаза (TPO) и тиреоглобулинот (Tg), како и инфламаторен целуларен инфилтрат во тироидната жлезда.

Зошто е важно одредувањето на концентрацијата на TSI (ТSH рецептор имуностимулирачки имуноглобулини) ?

Тироидно-стимулирачките имуноглобулини (TSI) се врзуваат за TSH рецепторот и имитираат TSH стимулација на тироидната жлезда. Затоа што оваа секреција на хормони (индуцирана од TSI) не се контролира со негативна повратна спрега, оваа стимулација доведува до хипертироидизам кој се среќава кај пациентите со Graves-oва болест.

Клиничката корист на мерењето на TSI вклучува:

  • Диференцијална дијагноза на етиологија на тиреотоксикоза кај пациенти со нејасни клинички наоди, кај пациенти кај кои се контраиндицирани радиоизотопни скенови на тироидна жлезда (на пр. трудници или доилки), или кај пациенти кај кои скенот е недијагностички.
  • Дијагноза на клинички суспектна Базедова (Гравесова) болест (на пр. екстратироидна манифестација на Базедова болест вклучувајќи ендокрин егзофталмус, претибијален микседем итн.) кај пациенти со нормални тестови на тироидна функција.
  • Одредување на ризик од неонатална тиреотоксикоза кај фетус од бремена жена со активна или претходно активна Базедова болест.
  • Диференцијална дијагноза на гестациска тиреотоксикоза наспроти манифестација или рекурентност на Базедова болест во прв триместер.
  • Одредување на ризик од релапс на Базедова болест по третман со антитироидни лекови.

 

Од сите автоантитела кои може да се детектираат кај автоимуната тироидна болест, тиреотропните рецепторски автоантитела (TSHR) се најблиску поврзани со патогенезата на болеста. Сите форми на автоимуна тиреотоксикоза (Базедова болест, Хашитоксикоза, неонатална тиреотоксикоза) се предизвикани од продукцијата на TSHR стимулирачки автоантитела.

Автоантителата кои се врзуваат за TSHR рецепторот и вршат трансактивација, доведуват до стимулација на тироидната жлезда независно од тиреотропинската (TSH) стимулација. Овие TSHR автоантитела се познати и како долго дејствувачки тироидни стимулатори или тиреостимулирачки имуноглобулини (TSI).

TSHR автоантителата може да се детектираат пред појавата на биохемиска или клиничка манифестација на автоимуна тиреотоксикоза.

Сензитивноста и специфичноста на зголемениот TSI за дијагноза на Базедова болест зависи од тоа дали пациентите имаат клинички активна, нетретирана болест или болеста е третирана со антитироидни лекови.

Бидејќи TSI се IgG антитела, тие може да ја поминат плацентата и да предизвикаат неонатална тиреотоксикоза.

Веројатноста за појава на неонатална тиреотоксикоза е голема ако бремената жена има историја на Базедова болест со висок TSI во последниот триместер, без разлика дали е во статус на ремисија. Помали зголемувања на TSI се само во одредени случаи поврзани со појава на неонатална тиреотоксикоза.

Зголемени TSI по завршување на антитироидниот третман има високо предиктивна вредност за релапс на Базедовата болест.